Браунис со вишни по рецепт на Цеце Трајковска

Телевизиската водителка Цеце Трајковска нема многу време за готвење. Заради работните обврски честопати знае да касне нешто набрзина. Ама кога е омилениот десерт во прашање, си дава време и готви, често.

„Мојот предлог за вкусен десерт направен за кратко време е браунис торта со вишни и пудинг од ванила. Ако сакате, можете истата смеса да ја искористите и за мафини“, вели Цеце за „Репортер“.

Потребни ви се следниве состојки: 400 гр чоколадо за готвење, 100 гр путер, 140 гр шеќер, 140 гр брашно, 4 јајца, пудинг од ванила, пола литар млеко и 500 гр вишни.

Јајцата ги матите заедно со шеќерот со жица за матење или пак во блендер, додека на страна на пареа го топите чоколадото заедно со путерот. Стопеното чоколадо се додава во смесата од изматени јајца и шеќер. Потоа го додавате и брашното и пола од вишните. Мешате со лажица. Откако со мешање ќе добиете убава хомогена чоколадна смеса, истата ја ставате во тавче на хартија за печење претходно намачкана со малку путер. Печете најмногу 20 мин во претходно загреана рерна на 180 степени. Додека сето ова го подготвувате, направете пудинг од ванила. Кога малку ќе се олади внатре ги додавате остатокот од вишните. Штом ја извадите од рерна браунис тортата, оставете ја да се олади па преку неа ставете го ванила пудингот со вишни. Тортата треба убаво да остине, барем еден час, по можност и повеќе. Одлично оди во комбинација со бело вино.

Scroll to Top