Бритни Спирс по 13 години конечно е слободна, судот го укина старателството

Судот во Лос Анџелес конечно го укина старателството, односно посебниот надзор кој 13 години го контролираше животот на познатата поп ѕвезда Бритни Спирс.

„Прекинато е старателството над личноста и имотот на Бритни Џин Спирс“, изјави судијката Бренда Пени по вчерашното рочиште.

Додаде дека сегашниот старател ќе продолжи да работи на решавање на тековните финансиски проблеми во случајот. 39-годишната пејачка го молеше судот да го раскине правниот аранжман кој од 2008 година ги регулираше нејзиниот личен живот и имот вреден 60 милиони долари. Таа не беше присутна на рочиштето во петокот.
Нејзините обожаватели пред судот ја прославија одлуката за нејзината слобода и го испееја хитот „Stronger“.

Старателството или посебниот надзор беше во рацете на нејзиниот татко откако таа доживеа јавен психички слом и беше на лекување за ментални проблеми, чии детали не се објавени.

Никој од вклучените во надзорот над неа во петокот не се спротивстави на барањето за прекинување на старателството.

Клучното прашање беше дали судијката ќе побара Спирс да добие процена на менталното здравје, што е чекор кој често се презема пред завршување на старателство, но таа тоа не го направи.

Scroll to Top