Чест ми е што сум првата Македонка која ја доби престижната награда Еми: Александра Кочоска раскажа за успехот во Холивуд

Александра Кочоска Дековиќ е првата Македонката која ја освои Еми наградата, за специјални ефекти во серијата „Стар трек – Дискавери“. Иако сè уште не може да поверува дека сето ова ѝ се случува неа, во разговор за „Репортер“, ни раскажа како е да се добие најпрестижната телевизиска награда во Холивуд. Иако наградата ја доби пред десетина дена, таа е сè уште под импресии, а ни кажа и дека ова е еден од најважните моменти во нејзината досегашна кариера.

„Има една реплика од ‘Стар трек’ на капетанот Жан Лук Пикард: ‘Некои работи се невозможни до оној момент додека не станат возможни“. Така се чувствувам и јас во моментов. Кога пред 10 години првпат дојдов во Лос Анџелес, Еми наградата ми изгледаше како нешто далечно и невозможно. Но, минатата недела го слушнавме името на нашата серија како победник во категоријата за специјални ефекти во поединечна епизода и знаев дека секој сон може да се оствари“, ни раскажа Александра, која ја доби наградата заедно со сопругот Анте Дековиќ и Џејсон Зимерман.

Не крие дека е горда на себе и на целиот тим што работи на серијата. „Чест ми е што сум првата Македонка со оваа престижна ТВ-награда“, вели таа и додава дека имала огромна трема кога излезе на сцената за да ја прими наградата.

„Пред да ни ги прочитаат имињата, знаев дека Џејсон има спремен говор, па можев само да уживам во моментот кој трае многу кратко, околу 30 секунди додека не го исклучат микрофонот за говор“, вели таа.

Александра е вторпат номинирана за оваа награда. Првата номинација ја имаше во 2019 година, но тогаш наградата ја освои „Игра на тронови“. На прашањето дали сега ја очекувала наградата, таа вели: „Имавме одлична конкуренција и оваа година, номинирани беа ‘Круна’, ‘Никогаш’, ‘Академијата Амбрела’. Но имавме и повеќе надеж дека ќе победиме. Никогаш не се знае како ќе гласаат членовите на ТВ-академијата. Додека ја работевме 311 епизода и зборувавме за креацијата на дизајнот на суштеството, имаше некој посебен дух, атмосфера, енергија дека ова ќе вреди да се сподели со светот“.

За работата како продуцент на специјални ефекти во Холивуд, Александра вели дека е динамична и со многу предизвици. Но таа ужива бидејќи го сака тоа што го работи. Во моментов е ангажирана на три различни серии од серијалот „Стар трек“, а работеше и на серијата „Кларис“, која е снимена според главниот женски лик од филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“.

„Моментално работам со тим од 26 луѓе. Поради ситуацијата работиме од дома и имаме секојдневни зум состаноци за да биде сè сработено по највисоки стандарди. Посебно ми се драги невидливите ефекти, кога публиката воопшто не очекува дека нешто што го гледа е целосно сработено на зелен екран и создадено дигитално. Во овој момент имаме над 50 епизоди кои се снимени и за кои ги работиме визуелните ефекти. Сите ќе се емитуваат догодина и едвај чекам да ви покажаме што сме спремиле“, вели таа.

Андријана Јовановска

Scroll to Top