Татјана Гоговска, сценаристот на детската музичка емисија „Дајте музика“ по 23 години се сретна со Трајче, Наташа, Виктор, Раде, Марија, Горан и Мими, децата што глумеа во серијата. Средбата со нив Тања ја опиша како емотивна, со многу насмевки и сеќавања на заедничката работа пред повеќе од две децении. Вели, се договориле заедно да направат нешто ново и интересно, слично на култната детска емисија, оти на денешните деца им треба серија како „Дајте музика“.
„Некое време размислував како и каде да ги најдам моите деца од серијата ‘Дајте музика’. Поминаа 23 години кога го промовиравме второто продолжение, тие веќе пораснаа и си заминаа од Детската радио драма. Јас работев со многу нови клинци, но доживувањата со нив, останаа незаборавени“, пишува Гоговска.
Децата, сега веќе возрасни луѓе со поинаков живот и семејства, се сретнаа со Тања во кафуле во Скопје и ѝ раскажаа за своите животи по серијата. Во деведесеттите години сите тие биле членови на Детската радио драма, а сега никој од нив не се занимава со глума.
„Се појавуваа со насмевка на лицето, многу од нив доцнеа, обврски, млади родители и слично, ама се собравме. Има уште деца и поканата за да ни се придружат е отворена“, вели таа.
Некои од нив и по дваесет години контактираат меѓусебе. Тие повремено се среќаваат и се сеќаваат на дружењето, си раскажуваат анегдоти од снимањето на серијата, за која, како што велат, го одбележала нивниот детски живот.
Целиот текст можете да го прочитате на Културно.мк.