Дали те заслужуваме човеку?

Премиерот Зоран Заев вечерва е гостин на Струмичкиот карневал. Тој објави неколку фотографии од карневалот. На едната од нив е со група маскирани струмичани, ама тој самиот нема маска. До пред некоја година и Заев се маскираше за карневалот и учествуваше во поворката, но овој пат со маскираните струмичани се дружи облечен во класичен костум.

„Браво премиере, секогаш имаш време за сè“, „Цар над царевите“, „Гордост наша“, „Дали те заслужуваме човеку“, се само дел од коментарите на фотографијата.

На неговиот профил под неколкуте карневалски фотки стои: „Заеднички ја одржуваме активна и жива оваа вековна традиција, гордост на струмичани, на градот Струмица и на Република Македонија. Оваа вечер, на карневалското дефиле поминаа над две илјади маскирани луѓе, учесници од Аруба, Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија. И околу 50.000 посетители, наши граѓани и пријатели од регионот. Ова се пријателства што се шират и пренесуваат низ годините, ова се мостовите за кои зборуваме и кои заеднички ги градиме. Сите ние!“

Годинешниот Струмички карневал почна вчера. Вечерта на „Балот под маски“ беа избрани принцот и принцезата на карневалот Орце и Натка Спасоски, а денес е големата забава под маски во целиот град.

Scroll to Top