Дани пееше на концерт во Египет

Поп-пејачката и амбасадор на Y-PEER, Дани Димитровска, на 18 јули пееше на концертот „Музика за развој“ во Александрија, Египет. На концертот, чија цел беше да се зголеми свесноста за еднаквост на половите во Египет, настапија бројни бендови и музичари од земјата, а Дани беше специјална гостинка. Таа испеа три песни, две посветени на девојките присилени да се мажат на млади години, а една за правата на жените.

„Десет години сум амбасадор на Y-PEER. Сега можам да го проширам моето искуство и среќна сум што е така“, рече Дани.

Таа пред три недели запознала млада пејачка од Александрија, па заедно работеле на нови, тематски песни за концертот.

„Се договоривме да направиме шест песни, секоја од нив да се однесува на конкретна тема поврзана со правата на жените во оваа земја. Тука сум да го споделам моето десетгодишно искуство. Се надевам дека на овој начин ќе поттикнам и други млади пејачи од Египет да го кренат својот глас и да ја зголемат свесноста за проблемите со кои се соочуваат младите девојки тука“, додава Дани.

„Поради недоволно образование и доминација на мажите во оваа земја, египетските девојки се соочуваат со проблеми кои вклучуваат рано стапување во брак и обрежување на жените. Тие се оставени сами на себе да се борат за својот живот, за правото за образование и за нормално детство“, велат организаторите на концертот.

 

 

Scroll to Top