Дарја Ризова е добитник на наградата најдобра актерка на ФКТ „Ристо Шишков“. Таа ја доби наградата за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“ по текст на Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.
Наградата ја доделува жири-комисијата во состав: Звездана Ангеловска, актерка (претседател на жири-комисијата), Нико Горшиќ, актер, и Петре Арсовски, актер.
„Оваа година повторно ѝ се потврдува на Ризова нејзината максимална театарска професионалност и посветеност, која резултираше со уште една награда – четврта по ред“, велат од Македонскиот народен театар.
Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“, на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, беше дел од натпреварувачката програма меѓу девет претстави на овогодишниот 30. фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица кој се одржува од 8 до 13 септември.