Дарио Ивановски по маратонот во Париз: Имав мала повреда, но го дадов максимумот

Нашиот најдобар маратонец, Дарио Ивановски, по завршувањето на маратонската трка на Олимписките игри во Париз се обрати до македонските граѓани, заблагодарувајќи се за поддршката.

„Штом еден маратон се заврши, тоа значи дека се завршува успешно. Пред сè да се заблагодарам до Бога што влегов во трката жив и здрав, сепак имав мала повреда на стапалото и на коленото кое од шестиот километар не ми дозволи да продолжам со исто темпо кое го наметнавме на почетокот. Од петтиот спрема шестиот километар почнав да ја влечам ногата и да се мачам, сепак тоа е што е. Го дадов максимумот, сега преостанува период на опоравување, и да се фокусираме кон следните цели.

Можеби јас и сите имавме малку поголеми очекувања, јас верував дека можам подобро и сеуште верувам дека можам подобро, сепак 2:08 што ми е најдобро време, и сега 2:28 ќе се види дека нешто се случувало во трката. Претходно според тренинзите бев и многу поспремен за тој резултат што го имам. Се надевам дека на следната трка, следните предизвици ќе го видите стариот Дарио, па дури и подобар од тоа што бев. Ви благодарам уште еднаш на сите кои беа со мене – беа зборовите на Ивановски по маратонот“, рече Ивановски.

Тој го заврши маратонот на 69. позиција, во конкуренција со 81 натпреварувач.

Ивановски истрча за 2 часа 28 минути и 15 секунди.

Новиот олимписки шампион е Тамират Тола од Етиопија, кој ја заврши трката со 2:06,26. На второто место е Башир Абди од Белгија, а на третото Бенсон Кипруот од Кенија.

Ивановски беше последниот шести македонски олимпиец со настап на Игрите, претходно учествуваа и Никола Ѓуретановиќ (пливање), Анастасија Мојсовска (спортско стрелаштво), Еди Шерифовски (џудо), Владимир Егоров (борење) и Милјана Рељиќ (таеквондо).

Scroll to Top