Децата од „Дајте музика“ со порака од Париз: Гласајте за Македонија

Децата од „Дајте музика“ утре ќе пеат на Јуниор Евросонг во Париз. Еден ден пред натпреварот, Кристина, Анастасија, Миха и Филип испратија порака до сите фанови од Македонија дека може да гласаат за нив преку официјалната страница на Јуниор Евросонг каде што е дозволено да се гласа за сопствената земја.

„Гласајте за Македонија“, вели македонскиот тим.

На официјалната страница на Јуниор Евросонг може да се гласа за три земји, вклучувајќи ја и сопствената. Интернет гласањето ќе трае до 19 декември до 15:59 часот, односно до пред почетокот на музичкото шоу. Овие гласови потоа ќе се спојат со гласовите од публиката што ќе гласа преку СМС. Тие се половина од вкупните поени што ќе одлучуваат за победникот. Останатите педесет проценти од гласовите ќе ги даде жирито.

Македонските претставници веќе ја имаа и втората проба, а реакциите на фановите од цела Европа се дека ова е најдобрата македонска песна испратена на Јуниор Евросонг до сега. Тие велат дека децата од „Дајте музика“ треба да бидат во најдобрите три на годинашниот натпревар, па и во пораките на Јутјуб повикуваат да се гласа за Македонија.

Годинашниот Јуниор Евросонг се одржува во Париз, а Македонија ќе настапи претпоследна, односно осумнаесетта. Преносот во недела (19 декември), ќе почне во 16 часот на МРТ1.

(Видео) Децата од „Дајте музика“ имаа прва проба во Париз: Македонија меѓу омилените на Јуниор Евросонг

Scroll to Top