Македонската манекенка Ивана Манас настапи на ревијата на „Долче и Габана“, што минатиот викенд се одржа во Милано. Таа беше една од неколкуте девојки што ги носеа моделите за сезоната есен-зима 2021-2022 на познатата италијанска модна куќа.
„Ивана неодамна ја обнови соработката со модната агенција ‘Моделс ин’ и набргу потоа потпиша договор со српската агенција JS’ Management од Белград. Тие сметаа дека таа ќе помине одлично во Милано. Ивана е совршена за висока мода и очекувано беше да ја изберат да настапи за светски бренд“, вели нејзиниот агент Алек Наумовски.
Тој ни откри дека Ивана во моментот во Италија е дел од агенцијата Тhe Lab Models Milano, каде што веќе работи на нови проекти. Таму таа ќе остане до средината на март.
„Кога ќе ѝ заврши договорот во Италија, заедно со агенцијата од Белград ќе решиме каде ќе патува следно иако знаеме дека ќе направи голема кариера“, додава Алек.
Претходно за ревии на светски модни дизајнери се појавија и други македонски манекенки, Елена Реи, Маја Сашек, Катарина Ивановска и други.