Популарниот бенд „Дупер“ на 7 јули (среда) ќе го промовира својот прв албум наречен „Хипер“. По три години на сцената, Борис Какуринов (гитара и клавијатурa) и Илчо Нечовски (вокал и бас-гитара) најавија дека албумот е готов и ќе се најде во продажба. Тие објавија и кусо видео како најава за албумот.
„Дупер“ се прослави како трио во 2018 година со првата песна „Не сум твој тип“. Песната до сега има над три милиони прегледи на „Јутјуб“. Во тоа време во бендот членуваше и Марина Баракоска (тапани), но по неколку издадени песни, поради несогласувања, таа си замина од бендот и оттогаш „Дупер“ се Борис и Илчо.