Елена Лука ќе го освојува Њујорк

Модниот бренд „Елена Лука“ ќе го прослави десетгодишниот јубилеј со проектот World of Elena Luka. Целта на овој проект е да се промовираат креациите на македонскиот бренд во ексклузивни светски модни метрополи. Првата колекција ќе биде промовирана во Њујорк, а дизајните ќе се продаваат во луксузната продавница Dreems (dreems.nyc), но и преку сопствената е-продавница.

Новата луксузна колекција на Елена Лука, NYC, за сезоната есен-зима 2019/2020, ќе биде презентирана заедно со други светски брендови.

Колекцијата е инспирирана од ноќниот живот во Њујорк, гламурот на ноќните клубови меѓу кои и  легендарниот „Студио 54“. Колекцијата е женствена и сексапилна, со луксузни парчиња: од асиметрични здолништа, јакни, елегантни панталони, до мини, миди и макси фустани.

„Неслучајно се одлучив токму за Њујорк – градот што живее за мода, за гламур, градот во кој владее жената. Токму ова беше и инспирација за NYC колекцијата за следната сезона – ноќниот живот на градот со целиот свој гламур и екстравагантност. Можам да ви ветам вистински гламур, софистицираност и изглед кој остава без здив. Горди сме што со проектот World of Elena Luka, нашиот моден бренд ја потенцира и зацврстува позицијата на македонската мода на светската модна мапа, носејќи го домашниот дизајн во центарот на светските модни случувања,“ вели Елена Пандева, сопственик на модниот бренд.

Scroll to Top