Елена Ристеска дел од комисијата што ќе избира пејачи и песни за новиот балкански фестивал

Поп-пејачката Елена Ристеска е дел од комисијата што ќе ги избира песните и пејачите за фестивалот „Наше море, наше скале“, што ќе се одржи в година во Херцег Нови, Црна Гора. Во комисијата, покрај Елена, ќе бидат и Ѓорѓе Давид и Даниел Алибабиќ. Тие вчера одржаа прес-конференција, на која го најавија настанот. Елена вели дека освен што е претставник на Македонија, таа ќе има и промоторска улога.

„Заедно ќе ги избираме песните што ќе влезат во потесна селекција за учество на фестивалот што ќе се одржи во јуни 2022 година. Целосно нова приказна за целата балканска музичка сцена. Ние сме и промотори, но и дел од организацијата. Благодарам за поканата на организаторот ‘Адрија и Јадран медиска група’, со која од денес па натаму ќе имаме одговорна задача да избереме убава шоу-програма на фестивалот“, напиша Елена на „Инстаграм“ и објави неколку фотографии од промо-настанот во Црна Гора.

Пејачката додава дека отсекогаш ја имала поддршката од црногорските фестивали и црногорската публика и затоа е пресреќна што е дел од овој проект.

„Покрај неколкуте учества на фестивалите во Црна Гора, ги имам и двете прекрасни награди за дебитант на годината и за дует на годината со ‘Регина’, а истата година бевме предгрупа на концертот на ‘Ролинг стоунс’ во Будва“, вели Елена.

Scroll to Top