Енди Рајт: Кристијан ја дели истата страст кон музиката како и Тоше

Четвртиот постхумен албум на поп ѕвезда Тоше Проески, насловен како Secret Place ќе биде промовиран утре на концертот во aрената „Борис Трајковски“.  Албумот е сниман во студиото на Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше The Hardest Thing. Рајт, беше присутен на денешниот прес, во пресрет на концертот на починатата поп-ѕвезда.

Од Фондацијата „Tоше Проески“ кажаа дека на албумот има седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови. Снимани се и три спота, а два од нив ќе бидат промовирани утре на концертот.

На концертот во чест на Тоше, ќе настапи и Кристијан Ристески, неговиот внук, кој премиерно ќе ја отпее својата прва песна We Are Blood, која исто така ќе се најде на албумот.

Го прашевме Енди Рајт, дали го препознава Тоше во Кристијан.

„Тоше работеше напорно, многу, беше вреден, а Кристијан исто така вложува многу време и енергија во музиката. Тоа го препознавам во него. Тоше пееше одлично на англиски, па работевме со Кристијан за и тој да има чист изговор на англиски. Направивме се за да ја доловиме емоцијата што ја имаше Тоше во песната на Кристијан. Кристијан како и Тоше е голем музичар и ја дели истата страст кон музиката како и неговиот вујко“, изјави Рајт за Репортер.

На концертот во чест на Тоше ќе пеат  Каролина Гочева, Тијана и Тамара, Наум Петрески, Александра Радовиќ,  Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Владо Калембер, Ања Рупел, „Фрајле“ и други.

Scroll to Top