Филмска музика со Александар Тарабунов и камерен оркестар на Плочник во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите скопјани на незаборавен музички настан „Центарска симфонија“, што ќе се одржи утре вечер, на зајдисонце во ритамот на македонската и светска филмска музика.

Музичката ѕвезда Александар Тарабунов, заедно со камерен оркестар, ќе интерпретира познати филмски композиции, со ново симфониско руво.

„Вчера отидов на проба да ги видам нашите музичари и звучеа светски, уживав во безвременската музика од култниот македонски филм „Исправи се Делфина“ од композиторот Славе Димитров, но и во музиката од филмот „До Балчак“. За првпат пред публиката ќе биде изведена и новата песна на Тарабунов „Заедно“ адаптирана специјално за камерна оркестрација. Ги повикувам скопјани да дојдат и да уживаат во една вечер посветена на култната филмска музика. Ќе се сплотиме ‘Заедно’ со емоции и музика, во Центар, во срцето на нашето Скопје. Ваквите настани се потсетник дека Центар е и ќе остане културното срце на Скопје. Ве очекуваме на едно магично музичко патување низ времето и сеќавањата“, вели Герасимовски.

Настанот е во организација на Општина Центар, а во соработка со МГ Мјузик продукција. Влезот е слободен.

Scroll to Top