Фолк-пејачот Јордан Митев на својот фејсбук-профил се пожали дека повторно доживеал непријатност со Грција, откако по пошта му беше вратено неговото ЦД што лани во август го испратил на негови фанови во Грција. На пликот со пекало е нацртана стрелка со поштенската марка и со рака е напишано дека Македонија во Грција е препознатлива како ФИРОМ. Митев пред две години, пак, доби забрана за влез во Грција оти таму пеел македонски песни.
Тој своето мислење го сподели со следбениците на социјалните мрежи.
„Иако си ветив дека ќе ги премолчувам ваквите теми, сепак мојата македонска совест не ме остава да бидам рамнодушен. Нашите јужни соседи дефинитивно од нас прават да се чувствуваме како овци, а ние упорно и упорно едвај чекаме да дојдете викенд и лето, и да заминеме за Грција. Ако толку ѝ смета и едно обично писмо кое што доаѓа од оваа земја, тогаш зошто на границата не ги враќаат и туристите кои што доаѓаат од оваа земја? Или тие ѝ се слатки и добредојдени бидејќи носат со себе пари кои треба да ги потрошат кај нив?! Дали ние како држава и народ имаме барем малку достоинство, ве молам почитувани политичари кажете ни?! Ако не, ако не не бива, ако не сакаме да не биде, ако не можеме да не биде, кажете ни и тие што останавме тука да си ги собереме парталите, бидејќи нема по понижен народ на Балканот и во Европа од нас! Срдечен македонски поздрав“, напиша Митев.