Полицијата во Лос Анџелес го третира случајот на Адеа Шабани како убиство. Осомничен е актерот Крис Споц, кој, веруваат, е последен што ја видел Адеа жива. На прес-конференцијата на која биле изнесени првични детали за исчезнувањето и смртта на Адеа, капетанот Вилијам Хејес пуштил снимки од безбедносните камери поставени во лифтот во зградата каде што живеела таа. На снимките се гледа дека Адеа ја напушта зградата во друштво на Споц. Снимките се од 23 февруари, дента кога исчезнала Шабани.
25-годишната Адеа и Крис се запознале на академијата за глума „Стела Адлер“ каде што студирале и двајцата. Имале кратка романтична врска. Адеа ја прекинала откако дознала дека Споц има свршеница.
Полицијата неколкупати го испрашувала Крис, но тој тврдел дека викендот кога исчезнала Адеа бил кај свршеницата во Колорадо. Снимките од камерите, сепак, покажуваат дека двајцата биле заедно во нејзиниот дом во Холивуд, по што Адеа веќе не е видена жива.
33-годишниот Крис се самоубил минатиот викенд бегајќи од полициска потера. Возел украден автомобил што полицијата го барала поради претходна истрага за убиство. Споц си пукал во главата, а полицијата само констатирала смрт.
Полицијата засега не открива детали дали Крис Споц е единствениот осомничен за убиството на Адеа Шабани или има и други осомничени.