Македонската пејачка Тијана Дапчевиќ јавно го поддржа Новак Ѓоковиќ, откако тенисерот доби голем број критики и осуди од медиумите и јавноста поради неговиот турнир „Адрија тур“ на кој многумина се заразија со коронвирус, меѓу кои и самиот Новак.
„Поддршка за ова прекрасно, едноставно и хумано сушество кое 86353525 пати го покажа и докажа тоа. Ноле, да знаеш дека многу те сака семејството Дапчевиќ“, напиша Тијана на „Инстаграм“.
За потсетување, Новак Ѓоковиќ го организираше „Адрија тур“ во хуманитарни цели. Првиот дел се одигра во Белград, па во Задар, а се откажаа натпреварите во Бања Лука и Сараево. Финалето во Задар беше откажано, откако бугарскиот тенисер Григор Димитров откри дека е заразен со коронавирус.
Новак одби да се тестира во Хрватска, а тоа го направи дури откако стигна во Белград, каде што веднаш му беше земен брис за Ковид-19. Тестовите покажаа дека Ноле и Јелена се позитивни, а децата се негативни на вирусот. Освен нив, позитивни се и тенисерите Виктор Троицки со сопругата и Борна Чориќ.
Откако ги доби резултатите, Ѓоковиќ испрати извинување до сите што се заразиле и чие здравје го загрозил со турнирот.
„Многу ни е жал што турнирот предизвика штета. Сè што организиравме претходниот месец направивме од чисто срце и со искрени емоции. Верувавме дека турнирот ќе излезе на крај со сите здравствени проблеми. Погрешевиме, беше прерано. Не можам да ви опишам колку ми е жал поради ова и поради кој било друг случај на инфекција“, напиша Ѓоковиќ и ги замоли сите кои биле биле на турнирот или биле во близина да се тестираат и да држат дистанца.