Единаесет години по смртта, поп-ѕвездата Тоше Проески конечно ќе добие пристоен гроб на Гумење во Крушево. „360 степени“ ги објави првите слики како ќе изгледа надворешното уредување на гробот. Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски. Тој бил единствениот кој се пријавил на конкурсот. Изградбата на вечниот дом на Тоше, според Општина Крушево, ќе чини околу 150.000 евра, а општината веќе аплицирала до Министерството за култура.
За потсетување, реставрацијата на гробното место на Тоше премиерот Заев ја најави пред една ипол година. И обожавателите на Тоше од целиот регионот веќе неколку години од надлежните бараат да се направи гробот, а Тоше да добие достојно почивалиште. Многупати тие реагираа дека е срамота Тоше да почива во гроб што го покрива теписон со вештачка трева, а кој е заграден со пластичен плексиглас.