Со песна од Тони Цетински, која ја избраа за прв свадбен валцер, голманот на македонската ракометна репрезентација Борко Ристовски, вечерва прави свадба со сопругата Николина.
Весeлбата е во хотелот „Мериот“, а има околу 200 гости. Тука се репрезентативците Филип Талески и Дејан Манасков, претседателот на Ракометната федерација Живко Мукаетов, а меѓу гостите се и Соња и Јохан Тарчуловски.
Нина носи раскошна венчаница на дизајнерката Мила Кадриу и го украде вниманието на присутните гости. Борко, пак, е дотеран во костум од брендот „Сињори“.
Исто како Борко е облечен и нивниот син Душан, кој го носи името на починатиот татко на ракометниот голман.
На веселбата прво гостите ги забавуваше Ѓоко Танески, по него следи групата „Фрајле“, а за крај е народниот блок со Наум Петрески.
„Сакавме да има од се по нешто и да ни биде многу весело“, изјави Ристовски за „Репортер“.
Борко ни кажа и дека веќе неколку дена наголемо се подготвувале за свадбата. Тој и Нина веќе се венчаа, па летото се роди синот Душан, но досега заради обврските не стигнаа да направат свадбена веселба.
„Конечно, еве ја бидна и свадбата“, ни кажа Борко.
„Свадбата ја правиме само неколку дена пред Светското првенство во ракомет кое почнува на 11 јануари, па сите гости од странство се со обврски околу подготовките и не можеа да дојдат“, кажа Борко за „Репортер“.
Редакција „Репортер“
Фото: Д. Перковски