Манекенката Кристина Димитријевска денеска дипломираше меѓународен маркетинг и менаџмент на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Таа студираше три години на овој факултет, па во разговор за „Репортер“ ни откри дека сега ѝ е време за нова и посериозна професија.
„Ова беше еден од моите животни планови. Маркетингот е моја страст уште од средното училиште. Кога го завршив средното образование во Тетово, од Универзитетот ми доделија стипендија за овој факултет. Денеска се оствари уште еден мој сон“, ни рече Кристина.
Познатата манекенка вели дека додека студирала имала безрезервна поддршка од мајка си. Таа ѝ помагала најмногу околу синот Давид, кого Кристина го има од бракот со пејачот Даниел Кајмакоски.
„Додека јас учев во мојата соба, таа беше постојано покрај моето дете за сè што му треба. И денеска на одбраната на дипломската присуствуваа трите најважни личности во мојот живот – мојот син, мајка ми и брат ми“, вели таа и додава: „Имам само една порака за сите млади, да се борат сами за своите соништа, зашто никој нема тоа да го направи наместо вас“, вели Кристина.
За потсетување, Димитријевска долги години е манекенка во модното студио „Црнокрак“. Таа неодамна беше избрана за прва Мис карантин на светот, а претходната година освои уште неколку титули за убавина. Кристина, која е и фитнес-инструктор, минатиот месец стана заштитно лице на светски бренд за здрава исхрана и суплементи.
А. Јовановска