Македонската манекенка Андријана Илиоска (21), која веќе пет години работи во странство, учествуваше на Арапската модна недела, што се одржа во Дубаи на крајот на октомври. Таа се појави на 14 од осумнаесетте модни ревии што се организираа на најголем моден настан во земјата. Носеше облека на познати светски дизајнери, а дефилира и на ревијата на модниот бренд Moschino во фустан во стилот на куклата Барби.
„Арапската модна недела траеше девет дена. Првите два дена имаше кастинзи и проби за претстојните ревии. Од вкупно 18 дизајнери, на модниот викенд работев за 14. Ревијата за Moschino се одржа првиот ден и со неа се отвори Модната недела“, вели Андријана за „Репортер“.
На Модната недела во Дубаи, Андријана работела и на ревиите на неколку познати дизајнери, од Дубаи, Париз, Полска, Милано и од САД.
„Бев дел од ревијата на познатиот дизајнер Мајкл Синко, кој дизајнира за најголемите светски ѕвезди, како што се Џенифер Лопез, Малума, Ник Џонас, Бијонсе, но дефилирав и за најновата колекција на брендот ‘Амато’, кој дизајнира за Ники Минаж, Кети Пери, Шакира, Парис Хилтон, Аријана Гранде и други“, ни раскажа таа.
Андријана пред еден месец победи на изборот The Look of the Year, што се одржа во Сан Ремо, Италија. Во декември оваа година ќе ја претставува Македонија на изборот „Суперглобал“, што ќе се одржи во Лагос, Нигерија.