Вчеравечер во Центарот за култура во Битола свечено беше отворен 43. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Реалноста не е доволна“, почна со настапот на групата „Фолтин“.
Најголемо внимание предизвика оскаровецот Ентони Дод Ментл, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело.
И оваа година љубителите на уметноста имаа можност да прошетаат на црвениот килим во Битола и да ги покажат своите модни креации. На црвениот тепих имаше сешто. Од гламур и елеганција кај дамите, до шешири за на плажа, па и по некој кич фустан. И мажите имаа различен стил, од елегантни костуми со чевли, до спортски комбинации со патики.
На отворањето, покрај претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата, имаше и многу филмски работници, амбасадори, членовите на жирито, но и љубители на филмот.
Публиката овој пат ќе може да погледне 14 играни филмови во натпреварувачката програма, 12 филмови во кратката програма, а годинава се враќа и документарната програма.
Фестивалот кој се отвори вчера, ќе трае до 27 август.