(Галерија) Патиките на Сатја Грабулоски на белградскиот Моден викенд

By

Рачно изработените персонализирани патики на Сатја Грабулоски беа дел од ревијата на креаторот Марко Главиниќ на белградскиот Моден викенд што се одржа минатиот викенд во главниот град на Србија. Младиот српски дизајнер се претстави на отворањето на овој моден настан промовирајќи ја колекцијата „Осум“ инспирирана од кинеската митологија. Главиниќ дизајнира лежерни парчиња машка и женска облека, со изразен крој и полуспортска форма. Како заокружување на изгледот на своите модели тој ги искористи патиките на S.ignature, кои ги потпишува нашиот дизајнер Грабулоски.

„Соработката дојде сосема случајно. Ми се јави самиот Марко, кој посака да се спојат нашите два бренда. Патиките што ги изработив за ревијата се транспарентни и тие се први проѕирни патики во светот што не се направени машински, туку рачно, од почетокот до крајот“, рече Сатја за „Репортер“ по ревијата.

По персонализираните патики изработени за Серхио Рамос, Тимур Дибиров, Лина Ѓорческа, Андреа Лекиќ и други спортисти, но и по одличниот успех на белградскиот Моден викенд, тој најавува ширење и на српскиот пазар.

„Добив многубројни пораки во знак на поддршка од Србија, дури и од луѓе што не ги познавам. Веќе разговарав со неколку српски јавни личности за можна соработка“, вели Сатја.

Тој најавува и интересна изложба на патики во текот на следниот месец, а деталите за изложбата ќе ги открие набргу.

(А.Ј)

Ќе ви се допадне