(Галерија) Реванш меч меѓу скопската публика и Нокаут

Облечени во боксерски наметки, еден по еден, членовите на „Нокаут“ вечерва наместо на бина, излегоа во боксерски ринг. Нив ги најавуваше Игор Џамбазов, во стилот на вистински боксери.

„Реванш меч меѓу скопската публика и ‘Нокаут’. Од едната страна на рингот е скопската  публика. Од другата страна момците од бендот. Секоја следна рунда ќе ја најави оскудно облечена хостеса. И да знаете, воопшто не е точно дека Пере личи на Џони Деп, Џони Деп личи на Пере“, рече Џамбазов во најавата.

Дваест години откако го одржаа првиот концерт во СРЦ Кале, „Нокаут“ вечерва се вратија на истото место, со концерт да го одбележат големиот јубилеј. Од оригиналниот бенд остана само Пере, кој вечерва со своите музичари ги свиреше песните што пред две децении ги прославија него, Ацо Конга, Кире и Франц, а „Нокаут“ ја направија една од најпопуларните групи кај нас.

Публиката, расположена исто како на секој нивни концерт запеа уште веднаш, а „Нокаут“ за почеток направија микс од неколку песни: „Дождот“, „1000 причини за крај“, „Будење“, испеани како една. Во полната сала посетителите веднаш почнаа да играат, а убавата атмосфера ја дополнија со многу аплауз и овации.

Славеничкиот концерт на „Нокаут“ почна со настапот на македонскиот рок-бенд „Ер-ге-бе“. Јорданчо од Велес, момче со аутизам,а фан на бендот, заедно со Пере ја испеа „Лебедот бел“. Специјални гости, пак, беа Гуру Харе и Игор Џамбазов. Тие, заедно со Пере, а во чест на починатиот Ацо Конга, ја испеаја народната песна „Ако умрам ил’ загинам“.

„Пред концертов запознав маж и жена кои со себе ги носеа картите од концертот од пред 20 години“, рече Џамбазов кога излезе на сцената.

Концертот на „Нокаут“ го организираше „Авалон“.

Андријана Јовановска
Фото: Д. Перковски

 

 

Scroll to Top