(Галерија) Секоја промена се отсликува на нашето голо тело: Бојан Ковски ја отвори изложбата „Метаморфоза“ во МКЦ

Во МКЦ викендов се отвори изложбата „Метаморфоза“ на уметникот Бојан Ковски, кој црта врз голи тела-боди арт. На изложбата беа претставени десет фотографии, а Бојан прослави пет години од почетокот на неговото уметничко творештво.

Голем број пријатели, фотографи и љубители на уметноста, дојдоа да ја погледнат необичната изложба. Десетте слики со боди арт, не оставија никого рамнодушен. Посетителите се воодушевуваа како Бојан од голо тело создава уметност. Подеднакво импресивни беа и двете живи скулптури кои ги забавуваа гостите во текот на изложбата. Исцртани по телата беа актерот Харис Салкоски, кој цела вечер играше меѓу гостите, и диџеј Мартина Пенева, која ја загреа атмосферата со нејзиниот сет.

„Изложбата треба да ја прикаже психата на луѓето и како секоја промена ги прави различни од она што биле во минатото. И што ќе се случи ако секоја наша промена се отсликува на нашето тело. Сакам да ги поттикнам сите што ќе ја видат да се замислат и да се запрашаат како и тие самите се менуваат“, рече Ковски. 

Десетте фотографии ги направија познати македонски фотографи: Мартин Јанчевски, Бојан Стоилковски, Ани и Дими, Дарио Јанковиќ, Александар Вржалски, Зоран Зонде Стојановски, Стефан Рајхл, Антонио Станковски и Ирина Крстевска. На сликите се машки и женски модели, обични луѓе, фитнес тренери, уметници, инфлуенсери: Ана Ежова, Каљтрина Круезиу Балаш, Харис Салкоски, Марија Лазарова, Ана Стојановска, Ангела Стојановска, Жарко Донински, Никола Коцев, Гоце Маротов, и Ендру Кук.

Изложбата на Ковски е прва од овој тип во Македонија.

Scroll to Top