Синоќа со почеток од 20 ч. во Националната галерија Чифте амам се отвори 19. „Зимски салон“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, на која учествуваа 42 учесници. Овогодишната тема на биеналната изложба е „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“, а истата ќе трае до 19. февруари.
Изложбата ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, која рече дека уметноста е коректив на општеството. Таа ја најави и кураторката и селекторка на годинашниот салон, професорката на Националниот универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу.
Боериу изјави дека е многу среќна и возбудена што е дел од овој настан. Откако ги раскажа своите импресии од изложбата, им се заблагодари на присутните на сцената, без да го открие добитниот на овогодишната Гран при награда. Тоа наиде кај шега во публиката, што создаде дополнителна трема кај Боериу. Таа изјави дека никогаш повеќе нема да го повтори ова искуство бидејќи е многу тешко, па ја предаде должноста на Филип Фидановски, претседателот на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ).
Добитник на гран при наградата е Страхил М. Петровски од Куманово, чие визуелно дело е насловено под името „Лимитиран свет“. Но, тој не беше присутен на изложбата за да си ја подигне наградата, поради лични причини, како што соопштија организаторите. Тој како награда ќе добие шестмесечен престој во студиото во Париз по покровителство на Министерството за култура. Останатите тројца кои беа во конкуренција беа Мице Јанкуловски, Златко Глигоров и Вања Урошевиќ.
Кураторката покани петмина романски уметници како гости на изложбата.
Една од учесниците беше и алипинистката и сликарка Илина Арсова, која се претсави себеси со делото „Mrs. and Mr. Q“. Покрај него имаше и Кју-ар, код кој доколку го скенирате ќе ве одведе на нејзиниот Инстаграм профил.
„Моето дело, овојпат е нешто сосема различно. Оваа индиферентна двојка без емоции ја претставува новата генерација (Q?), жртва на виртуелната комуникација и прекумерната технологија која го оддалечува човекот од природата и вистинските вредности. Портретите се изрежани во алуминиум кој уште повеќе го нагласува нивниот студен карактер“, вели Арсова на Инстаграм.
„Идејата ја добив од последното патување, каде што цело време неизбежно беше присуството на кју-ар кодовите“, изјави Арсова за Репортер.мк
За потсетување, таа беше речиси два месеци на Еквадор, каде ги освојуваше тамошните врвови. А потоа помина одреден период во кампот за мигранти во Грција, каде работеше како волонтер.
Текст и фото: Марија Прличкова