(Галерија) Женствени и секси фустани во ревијата на Мите Занов

„Дедикејтид“, најновата модна колекција на дизајнерот Мите Занов за сезоната есен-зима 2018/19, е инспирирана од емоциите на младиот дизајнер. Колекцијата е посветена на неговата мајка. Моделите во кои доминираат тул и свила, куси фустани од тафта и екокожа и длабоки деколтиња ги нагласуваат женственоста и сексапилот.

„Карактеристични за оваа колекција се уметничкиот дух, интимноста и пристапот на самите модели. Рачна изработка, рачно сликани парчиња облека и секој од нив со посебна посвета на мојот херој, сила и љубов, на мојата мајка“, вели Занов.

Младиот дизајнер вели дека бојата има моќ лесно да пренесе одредена емоција – среќа, тага, страв, бес, па затоа во неговите модели доминираат силни бои – црвена, жолта, портокалова.

„Овој пат создадов волуменозни модели, различни во боја, со специфичен крој и текстура. Секој модел пренесува различна емоција и различна животна приказна. Во колекцијата доминираат свила, тул, тафта, но и волна, чоја и екокожа. Среќен сум што првпат сите модели носеа накит што го дизајнираше мојата сестра Ели Занова и тоа ја заокружи целата семејна приказна“, додава тој.

Scroll to Top