Глумците пејат се вратија на сцената: музички спектакл со овации и аплаузи кој и фалеше на публиката

Вистински спектакл се случи синоќа во преполната сала „Опера и Балет“, каде по 17 години пауза повторно на голема врата се врати популарната манифестација „Глумците пејат“.

Ја најавија Маја и Ира ќерките на неодамна починатиот актер Марин Бабиќ, во чија чест и се одржа и кои рекоа дека ова е негов животен проект. На сцената се појавија многу познати глумци кои приредија феноменално шоу. Измамија емоции и насмевки кај публиката и се погрижија за одлично расположение.

Тања Кочовска настапи со „Џелем Џелем“ и трубачи, а имаше и дует со Гордана Ендровска и „Признавам“ од Маријана и Росана. Двете одлично се снајдоа во улогата на пејачките, а и се прошетаа низ публиката и седнаа во скутовите на двајца мажи.

Весна Петрушевска настапи со „Секој твој рефрен од Тоше“. Јелена Јованова со „Ти си тој“ од Лидија Кочовска, а Тино и Атанас ги забавуваа сите во публиката со песната „Како кучето мое“, од легендарните „Студени нозе“.

Васил Зафирчев побара минута молчење за сите глумци кои не се меѓу нас, а потоа ја изведе песната „Осамен“.

Горан Трифуновски во оригинал ја испеа „Опасно сум вљубен во тебе“, од Драган Каранфиловски Бојс.

Драган Спасов-Дац на сцена го прослави 60-тиот роденден со песната „Како Вардар“.

На сцената излегоа и Драган Спасов- Дац, Ѓокица Лукаревски, Тања Кочовска, Арна Шијак Нина Деан, Маја Андоновска Илијевски, Петар Горко, и сите пееја и играа од душа и за душа.

Настапија со познати македонски и странски песни, а носеа и костими кои беа прилагодени за нивните настапи. Направија нешто што публиката уште долго време ќе го памети.

Како и претходните години и овој пат режисерот Дејан Пројковски беше на висина на задачата и се погрижи на публиката да и приреди вистинско шоу.

Манифестацијата во чест на Марин Бабиќ заврши со порака дека „Шоуто мора да продолжи“, а ја пееше Бојан Стојков со сите глумци на сцената.

 

 

Scroll to Top