„Го наполнив Охрид за ич пари, ама поважен ви е Дино Мерлин“, на Ефто Пупиноски прво охриѓани не му чинеа, сега лут на новинарите

Откако лани фолк-пејачот Ефто Пупиноски им се налути на охриѓани, оти никогаш не го поканиле да им пее за некој празник, иако им ја испеа „Лихнида кајче веслаше“, тој сега им е лут на новинарите. Вели, иако за Нова година пеел пред полн плоштад во Охрид, медиумите пишувале за настапот на Дино Мерлин, а за него одвоиле само неколку секунди во нивните извештаи. И овојпат Ефто со статус на „Фејсбук“ се пожали, па вели дека за разлика од Мерлин, тој пеел за ич пари со својот бенд.

„Македонски феномен. Да се ставаш како граѓанин од втор ред. И така помина и дочекот на Новата 2020 година, па гледавме и слушавме на вестите на сите национални телевизии ‘Дино Мерлин го наполнил плоштадот во Скопје’ , ‘Дино – вака…’ , ‘Дино – така…’ , и за сето тоа телевизиите во своите вести му посветија од 2-3 до 5 минути, додека за нас, македонските пејачи, по најмногу десетина секунди.

Господа новинари, зошто не известивте дека и Ефто Пупиноски го наполни охридскиот плоштад и дека на тоа студено време сите присутни останаа на плоштадот за целиот временски период на мојот настап од 23:15 до 1:00 часот на нивно и на наше задоволство (мое и на оркестарот ‘Фортуна’)? Наспроти ова, на пејачите што доаѓаат од соседството и понатака им ги полниме торбите со пари, па испаѓа дека Дино Мерлин го наполни скопскиот плоштад за 100.000 евра, а Ефто Пупиноски го наполни охридскиот за 40-тина пати помала цена!

И да ви кажам, цел живот водев една моја борба за доброто на нашата национална песна и чекав нештата да се поправат, и сега од оваа позиција длабоко сум убеден ни нема надеж! Им благодарам на охриѓани и на гостите од Македонија и соседството за тоа што ме почестија со толкаво големо присуство. Ај со здравје“, напиша меѓу другото Пупиноски на „Фејсбук“.

Се налути Евто Пупиновски: Бре охриѓани, што луѓе ќе бевте, џабе ви ја пеев „Лихнида“

Scroll to Top