Ѓоко Јовиќ и „Енерџи бенд“ на турнеја во Австралија

Ѓоко Јовиќ заедно со својот „Енерџи бенд“ се подготвува за голема прекуокеанска турнеја. Тие во текот на февруари и март ќе одржат девет концерти ширум Австралија.

Музичкиот караван започнува на 13-ти февруари со голем концерт во Сиднеј. Турнејата ќе трае интензивни три недели, во кои бендот ќе ги посети главните центри каде живеат нашинците, приредувајќи незаборавни вечери исполнети со македонски мелос и препознатливата енергија.

Покрај Сиднеј, концерти се закажани и во Мелбурн, Волонгонг и Перт, каде што на 1-ви март со спектакуларен настап ќе биде заокружена оваа австралиска турнеја.

Како увертира за она што ги очекува фановите, бендот неодамна ја промовираше својата најнова композиција со наслов „Жена што ја љубам“. Оваа песна носи посебна емотивна тежина, но и интересна семејна соработка.

Автор на музиката е самиот Ѓоко Јовиќ, текстот е дело на легендарниот Орце Зафировски, додека за аранжманот се погрижи најстариот син на Ѓоко, Михаил Јовиќ. Вклучувањето на Михаил во тимот покажува дека талентот во семејството Јовиќ продолжува и во новата генерација, што на песната и дава посебен белег.

 

Scroll to Top