Типографот и графички дизајнер Ласко Џуровски во моментот работи на проектот „Дигитализација и изработка на автентичен фонт според ракописот на Кочо Рацин“. Досега се изработени 24 мали кирилски букви врз основа на оригинални документи напишани од македонскиот книжевник.
„Се обидувам максимално да ја задржам автентичноста на неговиот ракопис, се разбира, со мали модификации неопходни за негова употреба во нашава дигитална сегашност“,вели тој.
Џуровски на својот „Фејсбук“ сподели дел од процесот на работа.
„Да го чуваме и надградуваме македонското културно наследство, да го запишеме во вечноста каде што никој не може да го избрише“, порачува Џуровски.
Тој се занимава со графички дизајн и типографија над 30 години, автор е на многубројни фонт-фамилии. Неодамна работеше и на кирилски фонт за лицата со дислексија, со наслов DyslexicFZF.