Грин бич“ фестивал лут на охридските власти: Си одиме од Охрид, бараме место без шерифи и каубои

Организаторите на познатиот „Грин бич“ фестивал го напуштаат Охрид како место во кое со години се одржуваше фестивалот и од утре бараат локација. Тие и официјално соопштија дека фестивалот повеќе нема да се одржува во Охрид затоа што забавата била прекината во 2 часот, а требало да се одржи до рано наутро, како што стоеше во најавите пред почетокот на фестивалот.

„И покрај сите напори да најдеме човечка, законска, професионална комуникација со сите инволвирани административни органи и тела, дојде време да кажеме -збогум, Охрид. Лични волји, фрустрации и толкувања на непостојни закони нѐ принудуваат веќе втора година да се срамиме пред сите вас, посетители и изведувачи, оние што најмногу ни значат“, велат во изјавата што ја објавија на својата фан-страница.

„Два дена поминавме заедно со илјадниците посетители кои доаѓаат и ги поминуваат овие денови во Охрид само поради овој настан, заедно и со артистите, чие гостување е престиж за секоја земја. Од утре сме во потрага по нова локација, која ќе ја објавиме до Нова година. Бараме простор со позитивна енергија, разбирање, место, град, село, планина, нива, со волја и желба да посакаат добредојде на 10 илјади гости. Ако имаме среќа, ќе налетаме на нормална локална самоуправа, полиција, место без шерифи и каубои и ќе нѐ биде во најдобро можно светло“, велат организаторите.

„Грин бич“ е најголемиот фестивал на електронска музика кај нас и осум години се одржува во Охрид. На него настапиле познати музички ѕвезди и диџеи, како Пол ван Дајк, Карл Кокс, Роџер Санчез, Свен Вот и други. (А.Г)

Scroll to Top