Уметницата Анжелика Колева пред неколку месеци направи операција и ги отстрани двете гради кога на рутинска контрола ѝ откриле дека има рак на дојката. Таа во разговор за „Репортер“ раскажа дека по првото породување ѝ се појавиле цисти, кои не се опасни, но редовно ги проверувала. Така и овој пат дома направила самопреглед, па почувствувала дека цистата е полна. Ова било аларм да закаже преглед кај својата докторка и да ѝ ја извадат течноста што ѝ пречела.
„Дознав дека имам рак кога отидов на рутинска контрола. Мојата докторка, Елизабета Бабушку, ми рече првин да направам мамографија, со која го откривме туморот. Беше под полната циста и не можев самата да го забележам со самопреглед иако постојано го правев тоа. Таа ми го продолжи животот и додека дишам, ќе ѝ бидам благодарна. Кога ги донесов резултатите од мамографијата, по нејзиниот лик сфатив дека нешто не е во ред. Направив и биопсија за да откриеме дали е малигно. Кога излегов од клиниката, седнав во автомобилот за да си одам дома. Ни сега не знам како стигнав и како возев. Му се јавив на сопругот и заплакав кога видов дека заедно со децата ме чекаше на вратата од нашиот дом. Не можев да се воздржам, сакам да ги поштедам од вакви ситуации, но тоа е невозможно“, ја почна Анжелика својата приказна.
Таа за два дена ги добила резултатите, кои потврдиле дека туморот е малиген и мора да се оперира. Не сакала да бара второ мислење, туку со својата лекарка се договориле веднаш да ги отстрани двете гради, а потоа да оди на хемотерапија. Иако не било лесно да се издржи сето тоа, Анжелика е свесна дека хемотерапијата ќе ѝ помогне да ја победи болеста, која ја откри во раната фаза.
„Сè се случи во една недела. Кога отидов кај д-р Андреја Арсовски, веќе бев решена да направам комплетна мастектомија. Иако можеше да се извади само дел, решивме тоа да биде радикално. Инсистирав да се исчисти и другата здрава града. Нека биде сè во ред, па ќе има и реконструкција. Сега сè е достапно“, ни изјави во разговорот за „Репортер“.
На прашањето како се чувствувала кога првпат си го видела телото во огледало по операцијата, вели: „Во болница бев само четири дена. Таму бев со завои и, искрено, се прашував како ќе реагирам кога ќе ги тргнат завоите. Се изненадив колку бев спремна за тоа. Тие денови ми прелетуваа мисли што си ги повторував цело време: ‘Во ред е Анжелика, го фрли тоа ѓубре што не требаше да биде таму, сега си чиста и одиме понатаму. Сè можеш да решиш, само главата нека ти остане на раменици’. И сега храбро се соочувам со глетката во огледало. Па тоа сум јас. Тие лузни ме научија да се сакам себеси и да се прифатам ваква. Да го посакувам животот повеќе. Да бидам уште посилна“.
Првиот месец по операцијата, Колева мирувала дома, а потоа почнала со хемотерапии. Лекарите за почеток ѝ одредиле шест третмани. Терапиите ги поминувала лесно, па затоа во ниеден момент не престанала да слика.
„И сега на моменти се чувствувам како забавена поради нив, но се приспособувам. Целото ова време цртам, пишувам, медитирам, пешачам и тоа многу ми помага. Секој месец правам детокс на организмот. Го сменив и начинот на исхрана и навистина се чувствувам убаво, ослободено“, вели таа.
За време на третманите, иако ги поминала лесно, ноќите често ѝ биле мачни. Ѝ се слошувало среде спиење, ја болеле коските, а на моменти се чувствувала како да се распаѓа.
„Не дозволив да ме легнат болките. Кога го прашав мојот онколог Илир Исмаили што да правам со болките, тој ми рече дека ќе боли и понатаму, но тоа значи дека сум жива и дека терапиите дејствуваат. А јас му верувам и верувам дека сè ќе помине. Не е лесно, но најважни се психата и позитивната мисла. По третата терапија, почна да ми паѓа косата. Не сакав да гледам прамни насекаде, па му реков на сопругот да ја земе машинката и да ме истриже. Ни тоа не ми падна тешко. Не знам како се чувствуваше тој, но сепак го стори тоа. Целиот мој живот носам шапки, марами, турбани на главата, па и тој стил не беше нешто ново. Не се срамев да шетам без коса, но почна летото и морав да се заштитувам. Веѓите ги цртав, уметник сум нели, трепки си ставав и во ниеден момент не почувствував негативност“, ни раскажа Анжелика.
Таа верува дека ракот е само состојба што ќе помине и тоа ја тера постојано да се смее и да е позитивна. Силата ја наоѓа во најблиските и верува дека има уште многу за што вреди да живее.
„Го сакам животот колку и да е лош и неправеден кон мене, а ова не е крај на мојата мисија. Нормално е и да не ти е добро на моменти, па научив да плачам кога ми се плаче, да не чувам во себе. Кога ќе ме фати криза, си ги повторувам зборовите што ми ги кажа мојот помал син ден пред операцијата, ден во кој почина наш драг пријател: ‘Мамо, ти имаш можност да се бориш, на некој таа можност не му е дадена’. Секојдневно си го повторувам ова. Секој ден е борба и треба да сме благодарни секое утро што се будиме. Блиските не ме поштедуваат и се однесуваат со мене како ништо да не се случило. И јас сум им благодарна за тоа. Болеста ми кажа што требаше да ми каже, прифатив, и сега не ми треба. Ме научи дека треба да се менувам. И сега дишам со полни гради“, рече Анжелика и призна дека сликањето, со кое се занимава со годин,и и сега ѝ е најдобрата терапија.
„Уметноста отсекогаш ми била терапија. Сите мои емоции се разлеани на платната. Не би можела без неа. А и не сакам. Ракот ме научи и тоа да кажувам: ‘Не сакам и ништо не морам’,“ ни изјави Анжелика.
Освен сликањето, терапија ѝ се и разговорите со жени што веќе поминале низ истата голгота како неа. Вели, со многу од нив разговара и разменува искуства.
„Се советуваме и секоја од нив ми е особено драга. Многу нè има, ама многу. И на ниедна рози не ѝ цветале, но по ракот, верувам дека самоосвестувањето влијае кај секоја од нас. Затоа, за жените што се борат со тумор на дојката, па и секој друг вид тумор, имам само еден совет: да прават сè што љубат, сè што ќе ги прави да бидат среќни, да го живеат животот, да сфатат дека се умира и од други болести за миг, да говорат гласно за својата состојба, да се сакаат себеси, да побараат помош ако им треба, да не се затвораат во себе“.
Андријана Јовановска