И после десет години во Шпанија кога ќе си дојдам дома зборувам кумановски: Интервју со голманот Столе Димитриевски

Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, последниве неколку месеци беше еден од спортистите за кои најмногу се пишува во шпанските медиумите. Муабетите почнаа уште есента. Димитриевски одбрани пенал на Барселона, па каталонскиот клуб почна преговори за да го ангажира, но трансферот не успеа.

„Бев многу блиску до потпишување договор, ама ете, работите не завршија како што посакувавме. Јас имам уште две години договор со Рајо, но сега почнува сезоната на трансфери, па ќе видиме што ќе се случи до крајот на летото“, вели Столе и не крие ни дека сака да брани во голем клуб за да игра на европски натпреварувања.

Од кога памти за себе, фудбалот му бил најголема љубов. Па кога го прашавме за детството во Куманово, вели: „Станував, играв фудбал, одев во школо, пак фудбал, пред да си легнам, фудбал, тоа ми се некои сеќавања“.

Неговото семејството и денес живее во Куманово. Со сестрата и родителите е многу близок иако одамна живее во странство. Тие постојано доаѓаат да го гледаат на натпреварите и горди се на неговите успеси. Столе, пак, секоја можност ја користи да дојде во Македонија за да ги види, а и тие често одат на гости кај него во Шпанија.

„За мене семејството е сè. Јас одамна живеам надвор, ама тоа го направив за да обезбедам подобар живот и за мене и за нив“, искрен е Димитриевски за „Репортер“.

Не е тајна дека обожава мода, а во Шпанија неодамна го избраа за фудбалер со најмногу стил. Отсекогаш сакал да се облекува различно од другите. Има омилени брендови, но купува и скапа облека, винтиџ парчиња, и сето тоа често го комбинира со нешто старо што го носи со години. Но, кога ќе му го изгубат куферот на аеродром, првата помисла му е „само да ми се тука копачките и ракавиците“.

Со Столе разговорот нема крај. Со насмевка раскажува за тоа како го запознал својот идол Буфон, но и за Меси од кого доби на подарок специјално пиво. Тука е и приказната за Роналдо, кој се измачи во баражот за Светско, ама сепак не успеа да му даде гол на Столе.

„Знаеш, подобро ќе беше да примев гол од Роналдо, но да ги победевме Португалците, отколку што му ги одбранив сите удари. Ама па, убаво е чувството кога знаеш дека Кристијано не ти дал гол“, искрен е Столе.

За Шпанија каде што живее 10 години, знае ли да готви, кој му е омилен специјалитет, за девојките и дали е во врска зборува многу отворено. Но и за муралот со негов лик што го нацртаа во Куманово, го гледаат ли како ѕвезда во градот и дали уште зборува на кумановски дијалект, но и за репрезентацијата, зошто решил да биде голман а не фудбалер, и дали се учи бранењето пенали или е чиста среќа… гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

 

 

Scroll to Top