Игор пееше за родителите, една песна за Илина и прослави четири години без алкохол: Џамбазов имаше одличен концерт во Скопје

Синоќа актерот и шоумен Игор Џамбазов и музичарите Гуру Харе и Александар Таушанов настапија во скопскиот ресторан „Еквилибриум“. Ова е прв настап за Игор по смртта на неговиот татко Александар, кој почина на 25 јануари оваа година. Симболично, во чест на своите родители го отвори настапот со песната „Бар уште еднаш“, во која ја раскажа својата приказна. Пота ги повика присутните да наздрават со чашите, тие со алкохол тој со вода.

„Денеска славам 4 години, 2 месеци и 11 дена како наздравувам со вода“, рече Игор.

Потоа следеа хитовите „Да си жив и здрав“, „Каква е оваа ситуација“, „Време за плачење“, „Диши Длабоко“, „Жена ми не сака блуз“ и многу други. Со секоја песна, раскажа по една анегдота па така, ја испеа „Право дома“, песна посветена на сите девојки кои сакале да бидат со него.

„Многу ми е смешно кога ќе кажат дека сум имал женска. А бе каква женска има 60-годишен човек, партнерка е тоа! Е па песнава што ја испеав сега, таа ја слушала на Килиманџаро. Пази еј, на Килиманџаро. Оваа песна ѝ е посветена нејзе, на мојата Илина“, рече и ја испеа и песната „Love is so good“.

Ги поздрави своите пријатели од Василево со „Стојаково Блуз“, а се пошегува и со неговиот пријател Јохан Елзесер кој дошол без гитара.

Меѓу присутните беше и кошаркарот Перо Антиќ кој уживаше во вечера.

Марија Прличкова

Scroll to Top