Македонската писателка Ивана Наскова минатата недела престојуваше во Братислава, каде што имаше свој стендап-настап. Таа е позната како стендап-комичар и кај нас. Има свој видеоканал на кој ги поставува своите снимки, а често настапува и во кафулиња и клубови во земјата, на вечери организирани за стендап-комедија.
Забавувајќи ја публиката на англиски јазик, таа доби многубројни пофалби за својата изведба, но и покана за повторно гостување.
„Настапував за луѓе речиси од целиот свет, публика што дојде од разни краеви на Братислава и ова им беше корпоративен настан. Пред гостите настапивме јас и уште двајца комичари од Америка“, раскажа Ивана за „Репортер“.
Братислава, за разлика од Скопје, има развиена сцена за стендап.
„Таму стендап-комичарите живеат и заработуваат само од таа професија. На мое огромно задоволство, веќе ми понудија да настапувам во истиот клуб, но и да имам стендап-настапи и во Виена и во Германија. Толку беше добро што без размислување би се преселила и би живеела во Братислава“, рече Наскова.
(А.Ј.)