Јане од Њујорк побара да запре дискриминацијата и се дружеше со Бекам

11-годишниот Јане Велковски, застапник за правата на децата со попреченост од Македонија, вчера од глобалниот самит на УНИЦЕФ во Њујорк им испрати порака на светските лидери: сопрете ја дискриминацијата, мене не ми пречи мојата попреченост, ми пречат бариерите од околината. Пред да зборува во седиштето на Обединетите нации, по повод Светскиот ден на детето, Јане се запозна и со еден Дејвид Бекам. Тој од поранешниот англиски репрезентативец доби автограм и разговараше со него.

„Многу сум среќен што сум денес овде. Јас сум роден со спинална мускулна атрофија и затоа се движам со количка која ја викам Формула. Моите родители од мал ме учеа дека можам да правам сè што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев – тоа стана и мое правило – да правам сè и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен“, рече Јане на панел-дискусијата „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“.

Тој кажа дека фудбалот му помогнал да се бори за да добие терапија, го поврзал со многу славни личности и го направил голем борец за еднаквост во спортот.

„Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат. Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот. Мене не ми пречи мојата попреченост, туку ми пречат бариерите од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам некаде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен. Децата како мене сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон, да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема“, рече Јане во говорот.

„А на возрасните сакам да им порачам – треба да направите сè за правата на децата, и отстранете ги сите бариери. Да нема дискриминација“, додаде Јане.

Scroll to Top