Јасмин Алиевски со врски во вториот круг од „Ѕвездите на Гранд“

Македонскиот пејач Јасмин Алиевски едвај го помина првиот круг од музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. Тој ги испеа „Цесарица“ од Оливер Драгојевиќ и „По тебе“ од Тоше Проески, но од сите шест членови на жирито доби „не“, критики и лоши коментари за пеењето. „Некогаш те бива, почесто се мачиш“, му рече Марија Шерифовиќ. „Мене ова не ми се допаѓа“, додаде Карлеуша. Никој од нив не се нафати да му биде ментор на Јасмин, оти според новите правила на шоуто секој учесник ќе работи со по еден член од жирито.

Креаторот на „Ѕвездите на Гранд“, Саша Поповиќ, ја повика мајката на Алиевски да каже нешто. Таа го замоли Саша тој да му биде ментор на Јасмин, по што од продукцијата рекоа дека ќе му дадат шанса на македонскиот пејач да оди во следниот круг.

Ова е четврти пат Јасмин да се натпреварува во регионалното музичко шоу. Првпат настапи пред четири години, кога испадна во првиот круг, а во својот втор и трет обид во шоуто стигна до третото коло.

Јасмин досега настапил на неколку фестивали во Македонија, а ги сними песните „Далеку од тебе“, „Сакам да заборавам сè“ и „Давам сè“.

Scroll to Top