Јелена Јованова: Признанието од дома значи најмногу

Глумицата Јелена Јованова-Периќ ја доби наградата „8 ноември“ за постигнување во сферата на културата и развојот на театарската и филмската уметност, а ѝ ја додели нејзиниот роден град Штип. Наградата, со уште неколку други, се доделува секоја година на прославата со која се одбележува ослободувањето на градот. Таа не можеше да си ја земе наградата лично, бидејќи неодамна се врати во Загреб, каде што неколку години живее со сопругот, актерот Стјепан Периќ.

„Жал ми е што ме бев со вас лично да ви се заблагодарам. Неизмерно ми е драго и битна ми е вашата доверба. Кога признанието доаѓа од дома, верувајте дека значи најмногу. Штип е еден храбар сонувач и ловец на таленти. Овој град ме постави на патот на кој што сум, ме обликува во голема мера во личноста која што сум денес. Вечно благодарна и доследна сум му. Ви благодарам уште еднаш“, напиша Јелена на својот фејсбук-профил.

Јелена е една од ретките македонски глумици што гради кариера и во регионот. Таа снима и во Хрватска, а во моментов е актуелна со улогата на Јелена во популарната хумористична серија „Преспав“, чија трета сезона неодамна заврши со снимање. Серијата ќе почне да се прикажува во декември. Истовремено таа сними и неколку сцени во најновиот филм на Милчо Манчевски, „Врба“.

Scroll to Top