Јелена Жугиќ: Сменета сум притивзаконски, ќе се жалам!

Во врска со денешната одлука за разрешување на директорката на НУ Театар Комедија – Скопје, неофицијално од извори вработени во овој театар дознаваме дека Јелена Жугиќ, по приемот на одлуката  драматично ја заклучила канцеларијата, ги земала клучевите со себе и се спротиставила на решението на министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Дури откако била предупредена дека ќе се соочи со дисциплински мерки, таа се повлекла и рекла дека ќе ги предаде клучевите во текот на денот.

Жугиќ од своја страна во изјава за Макфакс рече дека не е вистина тврдењето дека не сакала да го напушти кабинетот.

„Заминав поради приватни обврски, а клучевите ќе ги предадам денес во 18 часот на новата директорка. Инаку, сметам дека одлуката е противзаконска бидејќи тоа што е наведено како причина од Министерството за култура дека сум работела противправно не е вистина и откако ќе се вратам од одмор ќе ги разгледам можностите за обжалување на таа одлука. Сметам дека таа е политички мотивирана заради мојата партиска припадност која ми е загарантирана со уставот и не смее да биде пречка во извршување на професионалните задачи“ – изјави за Макфакс Јелена Жугиќ.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, денеска ги разреши директорите во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Братислав Димитров, и на НУ Театар Комедија – Скопје, Јелена Жугиќ. Како вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци – Скопје е именувана Катарина Илиевска – Силјановска, додека за вршителка на должноста директор во Театар Комедија – Скопје е именувана Мирјана Поповска – Ристов.

Во образложението на одлуката се вели дека единствена цел на назначувањето на в.д директори е „итно да се ослободат клучните институции кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Воедно, ве известуваме дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.Потоа, веднаш штом за тоа се исполнат законските услови, Министерството за култура, низ целосно отворен и транспарентен процес, ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување  нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат нивните програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Македонија“.

(Извор/Макфакс)

Scroll to Top