„Јон Вардар против галаксијата“ во кината во УнгаријаПрвиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од вчера, четврток 27 март, се прикажува во кино салите во Унгарија.
Филмот викендов имаше специјална проекција пред новинарите и претставниците од филмската индустрија во Будимпешта, во присуство на режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија која работеше на проектот.
„Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа, и тоа го направи одлично. Благодарен сум на целиот унгарски тим чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект од историско значење, како прв македонски долгометражен анимиран филм“, рече режисерот Цветановски.
Модераторот на настанот го спореди филмот со „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“, додека целиот простор во кино-комплексот Синема Сити беше брендиран во знакот на „Јон Вардар“.
Унгарски копродуцент на филмот е Ева Конрад од Уматик Ентертејнмент, а филмот доби поддршка од Унгарскиот Филмски Институт, и Унгарската Филмска Лабораторија. За потребите на проекцијата, „Јон Вардар“ беше синхронизиран на унгарски јазик, а главните улоги ги толкуваа еминентните актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за Филм.