Денот ми почнува со утринско кафе кое често го пијам на гладен стомак. За кафе буквално не пребирам какво ќе пијам, само да има една лажичка шеќер во него.
Утринското кафе сакам да го испијам со омилената личност, а тоа е мојата братучетка Андреа. Со неа најубаво ми почнува денот.
За викенд гледам максимално да го искористам времето за спиење, а потоа следи кафето, нормално. Обично, ако имам цртежи кои треба да бидат готови за факултетот за графички дизајн, ги завршувам за време на викендот.
Кога зборуваме за стилот на облекување, мојот е полесен и полежерен. Најчесто сум облечен во широка и поголема облека и така се појавувам во јавноста, во некое street style издание. Сметам дека секогаш успевам да ги комбинирам оние бои кои најмногу се истакнуваат на мене и мислам дека добро се облекувам. Иако се носам „лабаво”, тоа не важи за некој сериозен и голем настан или, пак, кога треба да одам во некоја институција.
Често се случува да не бидам расположен и има периоди кога сакам да си го видам друштвото, а со самата дружба со нив веднаш се расположувам. Исто така, има периоди кога сакам да бидам сам во мојот дом и да ѝ посветам внимание на уметноста. Тоа ми е доволно.
Сè e возможно ако веруваш во тоа. Оваа мисла одамна ја имав прочитано, и во која било ситуација на крајот таа ми паѓа на ум: „Можно е сѐ додека веруваш во тоа“. Кога немате надеж за некои работи, запомнете дека истите тие работи зависат од вашата желба и амбициозност.
Кафе-муабет со Андреј Пајмакоски, интернационален модел