Кафе-муабет со Антица Ивановска: Се расонувам со вежбање наместо со кафе

Се водам од мислата дека легнувањето рано и раното будење го прават човекот поздрав, побогат и помудар, па денот ми започнува во 7 часот. Со оглед на тоа што не пијам кафе, мој начин да се расонам е утринското вежбање што трае еден час. Ова е време кое го посветувам на моето здравје и изглед, коега се раѓаат најкреативните идеи.

Позитивната мисла која ме води низ денот е „секогаш биди благодарна за она што го имаш“. Тоа ми дава сила да чекорам сигурно кон исполнување на моите цели.

Викенд утрата се резервирани за прошетки во природа со моите две внуки или со пријателите. Ова е одличен период за регенерирање на енергијата.

Кога станува збор за утринската нега за убавина, тоа е вообичаената рутина на чистење на лицето со различни гелови и креми. Шминкањето, пак, е нешто што поретко го практикувам. Како моден дизајнер важно ми е како изгледам и секогаш ја прикажувам најдобрата верзија од себе, без разлика на моето расположение. Па така, стајлингот го бирам врз основа на дневните обврски и од тоа каков впечаток сакам да оставам за себе во денот што следува.

Најголемата мотивација за мене како дизајнер е кога ќе ја видам насмевката на лицето на своите клиенти. Тоа е моментот кога сфаќам дека со својата креативност сум успеала да внесам радост во нечиј живот. Тоа е и поттик да продолжам кон сè она што го имам поставено како цел во кариерата која си ја посакувам.

Кафе-муабет со Антица Ивановска, моден дизајнер

Scroll to Top