Кафе-муабет со Ивана Кнез: Во моето секојдневие нема простор за огорченост и фрустрации

Денот ми почнува со третмани за лице, вежби за тело, појадок, па кафе на крај. Учам да живеам квалитетно, па утрата ми се резервирани себично за себе. Утринското кафе најчесто го пијам сама, но понекогаш знае да ми се приклучи мајка ми и заедно да го организираме работниот тек на денот.

Викенд утрата ги поминувам работно, јас одамна не знам што е викенд утро. Знам понекогаш да одвојам неколку часа за моите кактуси, но најчесто секое утро ми е поврзано со мејлови и организација.

Утринската нега за убавина опфаќа темелно чистење на лицето. Со масажи нанесувам прво серум за ревитализација, а потоа крема за интензивна хидратација. Често во процесот е вклучен и масажер за лице од кварц.

Утринското расположение постојано ми влијае на изборот на облеката. Сè почесто се трудам да сум што е можно поженствена и да практикувам чевли пред патики. Патиките ги оставам за теренски обврски или, пак, за тренинзи.

Сепак, утринското расположение не ми влијае на остатокот од денот. Научив да не се задржувам во одредено расположение доколку не ми одговара. Сакам позитивна енергија, насмеани и реализирани луѓе, во моето секојдневие повеќе нема простор за огорченост и фрустрации, немам разбирање ниту пак одвишок време во животот. А ако сум нерасположена, се кревам со музика. Не постои поголем лек за душа и срце од добра музика. Тука се и разговорите со внуците на телефон и моето стадо посвоени животни. Често велам, посвои животно и спаси го твојот живот.

Кафе-муабет со Ивана Кнез, моден дизајнер

Scroll to Top