Секој ден ми е поинаков од претходниот, зависи од тоа каде се наоѓам во моментот, дали имам работа или не. Најчесто работите што сакам да ги правам ги смислувам во моментот. Единствено нешто што секое утро веднаш по будењето го правам е пиењето кафе. Кафето сакам да го пијам сама со себе, така ми е најслатко. Топло американо без шеќер, па дури и во лето.
Моментно во мојот живот нема голема разлика помеѓу викендот и кој било друг ден од неделата. Идеално викенд утро би било будење дома со љубовта и прошетка со кучето рано наутро.
Утринската нега за убавина ми почнува со миење на лицето. Потоа ставам серуми и кремови, а за крај неколку минути се гледам во огледало и си кажувам позитивни афирмации сама на себе.
Облекувањето најчесто ми зависи од расположението, но и од работите што ги имам во текот на денот. Во овие жешки летни денови најважно ми е да се чувствувам удобно.
Работата, честите патувања и фотосесиите ми влијаат многу на расположението, но позитивно. Моментно се наоѓам токму онаму каде што долго време сонував да бидам и не можам да бидам поблагодарна за можностите што ги имам.
Кафе-муабет со Ивана Манас, интернационален модел