Кафе-муабет со Мартина Андонова: Ако животот ви подари лимон, додадете џин-тоник

Секое утро се заблагодарувам на новиот ден и на сѐ што имам во животот. Мој избор е среќата. Јас, секогаш ја избирам неа, наместо да лелекам.
Сето тоа го зачинувам со шолја зелен чај, со најновите вести и со музика. Утрото е резервирано за Џибони, Масимо…Јас сум зависник од интернет, затоа ми е важно да „проверам” што има ново на социјалните медиуми.
Првото утринско кафе го пијам со сестра ми Анета Андонова и полека се подготвувам за новите предизвици и „новото нормално“ во работниот ден. Разменуваме идеи, совети, критики…

Работните обврски како вработена во Националната опера и балет, во секторот Маркетинг ми започнуваат со преглед на е-маил поштата. Потоа денот се развива во согласност со работните задачи.
Дел од работата во кој најмногу уживам е поврзан со промоцијата на репертоарот на Националната опера и балет на социјалните медиуми. Затоа, работата ми претставува двојно уживање.
Но, невидливиот непријател влезе тивко во нашите животи и за многу кратко време нè стави на „пауза“. И, еве сè уште чекаме некој да стисне „плеј“ и да продолжиме онаму каде што застанавме.

Од 15-годишната работа во Маркетингот на МОБ, сфатив дека соработката со уметниците е истовремено и интересна и многу комплицирана, но никогаш досадна.
Ме мотивираат убави, добри и искрени луѓе, од кои секој ден можам да научам нешто ново. Затоа ги сакам во моето опкружување.
Овој период, од друга страна, го гледам како колективно подигнување на свеста и една „добра лекција“ за сите нас.

По исполнувањето на работните обврски, денот ми продолжува со онлајн шопинг, во согласност со „новото нормално“.
Освен што сум интернет-зависник, јас сум вљубеник и зависник од модата. Се инспирирам од шик стилот на  Gilda Ambrosio, Giorgia Tordini, Tatjana Dragović, Giovanna Battaglia, Mirela Forić Srna, Leila Yavari…

Онлајн работа, онлајн опера и балет, онлајн пријателство, онлајн љубов, онлајн шопинг. Се прашувам, колку сè ова ќе го чини човештвото!?

Денот, а и овој текст го завршувам со мотото: „Ако животот ви подари лимон, додадете џин-тоник“, секако во домашен амбиент.
Мартина Андонова
Соработник за маркетинг и односи со јавност во Националната опера и балет

Scroll to Top