Кафе-муабет со Ружица Арсовска: Секогаш внимавам на стилот, тоа ми ја зголемува самодовербата

Многу ми е важен сонот. А прво после будење, мојот утрински ритуал започнува со две чаши млака вода и зелено смути. Првиот оброк ми е навистина важен, морам да појадувам за да имам енергија во текот на денот. Утринското кафе го заменив со зелено смути, кое ми дава енергија и сила и сакам да го испијам сама и во мир.

Викенд утрата ми се омилени, а причина за тоа е слободното време на моите родители и сестра ми. Дел од викендот го посветувам на моите најблиски, а другиот дел си го посветувам себеси. Прошетки и тренинзи на отворено, како Водно и Кеј, ми се секогаш добра опција за убав викенд.

Секое утро го почнувам така што го мијам лицето со ладна вода. Ладната вода освен што ќе ме освежи, ја буди и тонизира одлично кожата, мијам заби и пијам две чаши вода и кологен. Потоа нанесувам хидратантен крем за лице што ја потхранува кожата и ми служи како база за течна пудра. Во зависност од обврските, се шминкам онолку колку што е потребно.

Мојот аутфит не зависи од моето расположение, туку од обврските што ги имам во текот на денот. Секогаш сакам да се чуствувам убаво во тоа што го носам, но најмногу внимавам облеката да ми е секогаш чиста и испеглана. Посветувам многу време и внимание на својот стајлинг, затоа што верувам дека надворешниот изглед сепак кажува многу за човекот. Самодоверба и став се само дел од епитетите што ги добиваме со добро избран стајлинг.

Исхраната е најважниот дел од целокупниот систем за здрав начин на живот. Најважно ми е мојата храна да биде разновидна и богата со нутриенти. Како исхраната, така и сонот и физичката активност имаат големо влијание на моето расположение. Времето што го одвојувам за добар тренинг секогаш ме мотивира од ден во ден да бидам посветена на мојата цел и начин на живот. И секако, со позитивна мисла, сами се полниме со позитивна енергија.

Кафе-муабет со Ружица Арсовска, фитнес модел

Scroll to Top