Кафе-муабет со Тина Мицковска: Утрото ми почнува во разговор со животните

Денот ми почнува со Памукче, улично маче кое порасна во вистинска убавица и секое утро со гушкање и предење ме буди за на работа. Животот со домашен миленик е многу поубав, а особено утрата и затоа на сите секогаш препорачувам да си вдомат мачка или куче.

Утринското кафе секогаш го пијам со колегите, во разговор за животните или, пак, со омилените жители на Скопје ЗОО. Некогаш се тоа алпаките, некогаш жирафите, лемурите, морските лавови. Нема поубаво друштво, верувајте. Па во време на пандемија, кога менталното здравје на сите ни е малку изреметено, мора да одржуваме некаков баланс. Секојдневно смислувам нови проекти кои ќе помогнат за доброто на животните и тоа ми е позитивно и мотивирачко за секој следен ден.

И викендите ги поминувам во Зоолошка, каде што работам, но во последно време подолго останувам во кревет, затоа што ми фали повеќе сон.

Утринските ритуали опфаќаат витамини и насмевка од рано утро. Затоа што човек ако не е расположен и е преморен, нема да се чувствува убаво во своја кожа што и да направи. Секој човек е убав и повеќе зрачи кога е насмеан.

Утринското расположение секогаш ми влијае на изборот на облеката. Пролетта ми е најомилено време за комбинирање облека, бидејќи секогаш преовладуваат весели бои. Работното место за среќа ми налага почесто да бидам повеќе кежуал облечена и да уживам во дружбата со животните во патики, дуксери и интересни маички со анимал принт.

Тина Мицковска, односи со јавност на Скопје ЗОО

 

Scroll to Top