Каролина и Лозано направија подобра журка од Рошин Марфи

Вчеравечер во Скопје се одржа големиот концерт на отворено „А1 Музика на светот“. И иако поранешната пејачка на „Молоко“, Рошин Марфи, беше најавена како главна ѕвезда на настанот, Каролина и Лозано направија подобра журка од неа.

Под полната месечина, на платото пред „Борис Трајковски“ прв настапи македонскиот бенд „Фанк шуи“, додека публиката се уште се собираше. По нив на сцената се појави Лозано. Популарниот пејач ги испеа своите најголеми хитови, ја разигра публиката, а тие, особено најмладите, цело време пееја заедно со него. Се редеа „Јако јако“, „Мандарина“, „Мајко“, „Сонце не ме грее“… Секоја песна беше поздравена со аплауз, а на крајот Лозано рече дека и тој уживал исто колку и присутните.

 

По него на сцената дојде Каролина Гочева со Македонската филхармонија. Пејачката ја шармираше публиката на прва и доби овации уште кога излегуваше на бината. Почна со песни од албумите „Македонско девојче“, а потоа ги пееше своите најголеми поп-хитови. Концертот доживеа кулминација на послената песна „Ајде да летаме“, кога повеќето присутни ем пееја, ем скокаа заедно со неа.

Додека сцената се подготвуваше за настапот на Рошин Марфи, голем дел од луѓето се разотидоа, па останаа само фановите на ирската пејачка. Рошин пееше повеќе од еден час, песни од нејзините соло албуми и најпопуларните хитови од времето кога беше дел од „Молоко“. Публиката уживаше во нејзиниот глас и во одличниот сценски настап – таа по секоја песна се преоблекуваше на сцената, па остави впечаток на вистинска светска ѕвезда. Пред да си замине, рече дека уживала во Скопје и дека ќе ја памети оваа вечер.

Големата журка заврши со сетот на германскиот диџеј Але Фарбен. За неговиот настап, кој почна по 1:30 часот по полноќ, остана само малку публика, претежно тинејџери, кои уживаа во најголемите светски хитови и во авторските песни на Фарбен.

Андријана Јовановска

Scroll to Top